(15.09.2014) 

ЕВРОПСКИ ФОРУМ НА СЛУЖБЕНИ ВЕСНИЦИ ВО ФРИБУРГ-ШВАЈЦАРИЈА

Европскиот форум на службените весници, по единаесетти пат годинава, во Фрибург – Швајцарија ги обедини официјалните издавачи на службените весници. Средбата се одржа на 11-ти и 12-ти септември, а темата на овој форум беше „Која е дигиталната иднина за службените весници и електронските сервиси“.На Форумот, меѓу претставниците на овластените издавачи на службените весници на земјите членки на Европската Унија учество земаа и земјите кадидати, меѓу кои и делегација на ЈП Службен весник на Република Македонија, предводена од директорот Тони Трајанов, во придружба на Андон Стефановски, помошник-раководител на Секторот за редакција.

На средбата, и годинава, повторно доминираа актуелните теми од областа на издавањето на службените гласила на земјите од Европската Унија, а беа презентирани и годишните извештаи од активните работни групи на Форумот. ЈП Службен весник на РМ учествуваше во две, и тоа во работната група „Отворени податоци“ и „Иднината на службените весници“.

Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија е член на Европскиот форум на службените весници уште од 2005 година и оттогаш редовно присуствува на годишните средби на Форумот, на кои се разменуваат искуства од областа на дејноста што спаѓа во делокругот на работи на официјалните издавачи на службените весници, во земјите членки на Европската Унија и пошироко.