(24.03.2015) 

ОД СЕГА И ОБЈАВАТА ЗА НЕВАЖЕЧКА ПАТНА ИСПРАВА ИЗГУБЕНА ВО СТРАНСТВО - ПРЕКУ КОНЗУЛАРНИТЕ ПРЕТСТАВНИШТВА НА РМ

На иницијатива на ЈП Службен весник на РМ, потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Министерство за внатрешни работи на РМ, Министерството за надворешни работи на РМ и ЈП Службен весник на РМ

ОД СЕГА И ОБЈАВАТА ЗА НЕВАЖЕЧКА ПАТНА ИСПРАВА ИЗГУБЕНА ВО СТРАНСТВО – ПРЕКУ КОНЗУЛАРНИТЕ ПРЕТСТАВНИШТВА НА РМ

Државјаните на Република Македонија кои живеат или престојуваат во странство, доколку останат без своја патна исправа, повеќе не треба да чекаат да се вратат во Македонија за да ја започнат процедурата за вадење на нов документ.

На иницијатива на ЈП Службен весник на РМ, со потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу трите институции: Министерство за внатрешни работи на РМ, Министерство за надворешни работи на РМ и ЈП Службен весник на РМ и оваа процедура доби „едношалтерски третман“.

Барањето за објавување на неважечки документ (лична карта, пасош, возачка дозвола и сообраќајна дозвола) во „Службен весник на Република Македонија“, граѓаните сега ќе можат да го поднесат или лично или преку ополномоштено лице, во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија. Процедурата понатаму има строго утврден пат.

Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија, наредниот работен ден од приемот на барањето, преку Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи го доставува известувањето со податоци за изгубениот или исчезнатиот документ до Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија. Известувањето се движи во електронска форма на определена електронска (e-mail) адреса, со порака заштитена согласно со прописите за заштита на личните податоци. Покрај барањето за објава на неважечки документ, во електронска форма се доставува и доказ за извршена уплата на финансиски средства за објавување на исчезнатиот или изгубениот документ во странство, како и изјава од носителот на исчезнатиот или изгубениот документ, заверена во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија.

Досега, граѓаните на Република Македонија кои живееја или престојуваа во странство, постапката за пријавување на исчезната или на загубена лична карта, пасош, возачка или сообраќајна дозвола, можеа да ја започнаат по враќањето во земјава.

ЈП Службен весник на РМ

Скопје