(11.05.2007 Лондон - Велика Британија)

РАБОТЕН СОСТАНОК НА ГРУПАТА ЗА DATA CAPTURING AT SOURCE

Во рамките на воспоставените контакти со Европскиот Форум на службените весници, на покана на Секретарот на работната група за Data capturing at source, Г-дин Роберто Папалардо, претставници на ЈП Службен весник на РМ, воедно членови на работната група за Data capturing at the source, на 11.05.2007 година присуствуваа и земаа активно учество во работата на работната група. Средбата се одржа во Лондон во Канцеларијата на Секторот за јавни информации, кој што е во рамки на Канцеларијата на Кралицата. Главна тема на работната средба беше утврдување на клучните технички услови за имплементација на Data capturing at the source концептот и презентација на досегашните искуства во имплементација на истиот во Службените весници во ЕУ и пошироко, како и размена на искуства со цел воведување и унификација на овие концепти и технологии во рамките на Европските земји.

Г-динот Алан Поси, Претседавач на работната група за Data capturing at the source, ги поздрави присутните членови на работната група и го образложи дневниот ред, како и очекуваните резултати од оваа работилница.

Сите присутни, меѓу кои и членовите на работната група од ЈП Службен весник на РМ се претставија, при што го објаснија делот во рамките на оваа работна група во кој се вклучени и работат.

Беше истакнато дека за време на одржаните средби на оваа работна група, покрај тоа што сите членови на Форумот пополнија прашалник за системите што ги употребуваат, беа извршени и поодделни презентации на различните системи во употреба во Франција, Грција, Обединетото Кралство, Латвиа, Република Македонија и Швајцарија за подготовка на Примарната и Секундарната легислатива, беше презентирано како овие системи работат и дали овозможуваат публикација на легислативата во печатена форма и на интернет. Од овие презентации беше заклучено дека во земјите членки на Форумот во употреба се различни системи кои го поврзуваат процесот на подготовка на легислативата и нејзиното публикување.

За разлика од легислативниот процес (постапката на подготвување и донесување на прописите) кој е генерално многу сличен во сите земји, техничките системи што се во употреба се многу различни во зависност дали се развиени да го покријат целокупниот процес од подготвување до донесување на актите, односно од иницијалното пишување - подготвување на актот, преку парламентарната или друга легислативна постапка, па се до финалното публикување во Службениот весник, како и можноста за дополнителна постапка за изработка на консолидирани текстови. Во текот на состанокот беше дискутирано за Нацрт-финалниот извештај за оваа работна група, при што претседавачот Алан Поси ги повика сите присутни да ги дадат своите забелешки, сугестиии и предлози за неговата содржина, при што исто така беа разгледани и потврдени 10-те препораки за развој и градење на информациони системи за “Data capturing at the source“.

Беше извршена презентација на ново-имплементираниот систем за автоматско преземање на документите кои се објавуваат во “Службен весник на РМ“ од страна на Владата на РМ и Собранието на РМ, преку безжичниот систем за интеграција на информационите системи, развиен од страна на ЈП Службен весник на РМ.