11.01.2010

ОТВОРАЊЕ НА ИНФО – ЦЕНТАРОТ

Со денешното отворање на Инфо – центарот, се прави чекор повеќе кон поголемата информираност на граѓаните за легислативата во Република Македонија, и истиот пред се е наменет за заинтересирани граѓани кои ќе можат бесплатно да пристапат до целосната дигитална (електронска) база на прописи од 1945 до денес, преку поставените компјутери со директен бесплатен пристап до базата на прописи, како и до содржината на печатените изданија на службеното гласило, збирките на прописи и другите изданија, а со првенствена цел – поголема информираност на граѓаните на Република Македонија за содржината на законите и другите прописи што се објавуваат во „Службен весник на РМ“.

Преку Инфо - центарот на заинтересираните ќе им се овозможи на едноставен начин да дојдат до бараната информација, кое пред се е овозможено со позитивниот исчекор кој ова Јавно претпријатие го направи во својата работа, како и пратењето и имплементацијата на европските стандарди, како резултат на што е развиена една екстензивна и лесна за ракување – дигитална база на податоци, каде за секој пропис може да се погледне во неговата содржина, а воедно и да се пратат изменувањата и дополнувањата на истиот, подзаконските акти и поврзаните прописи.

Воедно во Инфо – центарот се наоѓа целокупната архива од сите изданија од службеното гласило од 1945 година до денес, во печатена форма, која воедно е наменета како за користење од страна на граѓаните, така и за потребите на проектот – дигитализација на службените весници од 1945 година.

Во однос на сегашните и идните проекти во ЈП Службен весник на Република Македонија, следени се примерите и искуствата од Европските земји во однос на збогатување на сознанијата за Европските стандарди и искуства од оваа област.

Воедно тука го издвојуваме и Проектот кој е во фаза на реализација – дигитализација на службените весници издадени во период од 1945 до 2001 година, кој проект очекуваме целосно да се реализира до крајот на месец октомври 2010 година. Со реализација на овој проект на сите граѓани на Република Македонија ќе им биде овозможен бесплатен пристап да сите изданија на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија“ издадени во овој период.

Контакт информации:
Инфо центар и Библиотека на ЈП Службен весник на Република Македонија
Работно време: Секој работен ден од 08:30-16:00
бул. Партизански одреди број 23
тел. 02/5512413, 02/5512426 и 02/5512427

ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА