(01.04.2014) 

Од 1 април, едношалтерски систем во МВР за изгубен документ 

Oд денеска, 1 април 2014 год., во сите градови во Република Македонија, започнува едношалтерски систем за објава на изгубен и започнување постапка за нов личен документ, од едно место, само на шалтерите во управните служби на МВР. 
 
Со оваа поедноставена постапка, граѓаните ќе можат да извршат и уплата и објава за неважечки документ за: лична карта, пасош, возачка дозвола и сообраќајна дозвола  на шалтерите на МВР  и веднаш да ја започнат постапката за вадење на нов документ. Овој заеднички проект на МВР и ЈП Службен весник на РМ овозможува скратување на процедурата за пријавување, а граѓаните новите документи може да ги извадат во значително покус период.
 
Досега,  оваа постапка беше многу посложена, особено за граѓаните од другите градови на Република Македонија, каде што ЈП Службен весник на РМ немаше свои канцеларии и траеше повеќе денови. Со новиот протокол кој ќе започне да се применува од 1 април, на шалтерите  на управните служби во МВР, граѓанинот ќе може за еден ден да изврши објава на неважечкиот документ и да ја започне  постапката за нов документ.
 
Во Македонија, според досегашната статистика, триесет илјади граѓани во просек годишно ги губат своите лични документи од кои најмногу лични карти, потоа возачки дозволи,  патни исправи и на крајот сообраќајни дозволи.