14.12.2018

ИНТЕРВЈУ ЗА МИА НА ДИРЕКТОРОТ НА ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МАРТИН КОСТОВСКИ

ЈП Службен весник на РМ, во текот на овие речиси седум и пол децении, извршува специфична и општествено одговорна задача како посредник помеѓу државата и граѓаните. Во изминативе години таа комуникација прерасна во дневна динамика, па од новинарски аспект може да се каже дека сте атрактивен извор за актуелни наслови и теми. Се чита ли ова службено гласило?

Во последниве години, со динамиката на објавите на „Службен весник на РМ“, дефинитивно станавме дневен печат и по бројот на изданија и по обемот на информации. Минатата година ја завршивме со 225 изданија, а годинава тој број го имавме на 10 декември што значи дека до крајот на годинава ќе има уште изданија. „Службен весник на РМ“ е огледало за активностите на двете власти и на извршната и на законодавната, па затоа велиме е четиво за сите. Граѓаните треба да ги знаат своите права и обврски, бизнисмените своите економски и финансиски мерки, институциите како да постапуваат и да ги сервисираат граѓаните, како се регулирани одредени области и како правилно да се постапува при секојдневното ивршување на работните задачи. Има и многу други важни објави кои се од интерес на граѓаните и затоа велиме дека располагаме со многу вести кои кај нас се прецизни и точни. Нашите анализи покажуваат дека свесноста и совесноста, за секојдневно, безбедно и правно постапување, како на институциите така и на широката популација е на завидно ниво. Затоа, можам да кажам дека ова службено гласило се чита. Покрај државните институции, расте бројот и на претплатите од страна на приватниот сектор, а секако настојуваме лесно да сме достапни и за секое лице кое има потреба нешто да прочита или навремено да биде информирано. ЈП Службен весник на РМ во континуитет настојува да е над стереотипите и да е сигурен партнер како на институциите и на медиумите, така и на граѓаните бидејќи нашето мото, денес и во иднина е квалитет, безбедност, навременост и точност.

Покрај печатената верзија, „Службен весник на РМ“ излегува и во електронска форма. Се чувствува ли промена на старите навики, т. е. дали читателската публика листа сѐ помалку списанија во хартиена форма и дали компјутерот е тој што сега заменува сѐ?

Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија е основано со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, а објавувањето се врши и во печатена и во електронска форма. Наша тенденција е, оваа приказна, која започна во 1945 година, да го следи чекорот со времето и да живее со него. Електронската понуда е дел од тој ритам кој го наметнува ехото на денешницата, а ние во него сакаме да сме најдобри. Затоа веќе преземаме и друг чекор, односно освен печатеното издание, и електронската верзија на службеното гласило да биде официјална, т. е. покрај службеното гласило во печатена форма, и електронската верзија да биде правнообврзувачка. Како овластен сервис, ние сме гаранти на точноста за секој напишан збор, за секоја интерпункција и самогласка, која на еден пропис, лесно може да му даде поинакво значење. Тоа всушност, и се бара од нас. Имаме овластувања што ни се дадени со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти. Оваа практика веќе одамна се применува во европските земји, па и пошироко и е пример за успешна организација и спроведување на легислативата во општеството. Нашата организираност, подготвеноста и веродостојноста ни даваат право да бараме (наскоро очекуваме и да се случи) и електронската форма на службеното гласило да стане официјална. Веќе се одржани неколку работни состаноци во Министерство за правда со министерката, Рената Дескоска, и по таа верификација ќе можеме да кажеме дека ЈП Службен весник на РМ е во чекор со времето и со ритамот на животот.

Покрај електронската верзија на „Службен весник на РМ“ вие имате и комерцијална база на сите македонски прописи. Во што е разликата помеѓу овие две електронски арихиви, како функциионира комерцијалната база и за кого е наменета?

Со организирање на изданијата на „Службен весник на РМ“ во електронска форма, ние располагаме со извонредна архива сместена во еден линк, а тоа е www.slvesnik.com.mk и во неа сите броеви до минатата години се бесплатни и лесно достапни. Во овој проект, вие можете електронски да ги листате списанијата или да барате некој пропис само доколку точно знаете во кое издание се наоѓа. Со крајот на оваа, 2018 година, односно по дваесеттина дена, електронските изданија на „Службен весник на РМ“ ќе поминат во бесплатна понуда. Само актуелната година е комерцијална. Сепак, пребарувањето на базата е нешто сосема друго. Нашата електронска база на прописи дозволува брзо пребарување и преглед од основниот закон до сите измени кои се случувале низ годините, и кои се надградувале врз него. Пребарувањето е по клучен збор... едноставно по системот врзани садови, како жив организам и што е најважно, со секоја измена нуди хронолошки изработени пречистени (консолидирани) текстови на закони. Со задоволство можам да кажам дека во е-базата на прописи нема закон кој имал измена, а за кој не е изработен пречистен текст и затоа велиме дека е извонредна алтка за секојдневно, безбедно и правно постапување. Таа е наменета за сите оние кои сакаат и имаат редовна потреба од следењето на законодавството во Република Македонија, а во неа секојдневно навремено се ажурира сѐ. Овде спаѓаат: сите правни лица, институции, компании, мали и средни претпријатија, образовни институции, па и физички лица, кои во своите секојдневни, професионални извршувања имаат потреба, во секој миг, да ја имаат на увид легислативата и движењата во неа. Од друга страна, бидејќи важиме за институција која ги следи новите технологии и модерните навики на граѓаните, со задоволство најавувам дека во 2019 година, ЈП Службен весник на РМ ќе изработи мобилна апликација преку која сите заинтересирани ќе имаат пристап до услугите и производите кои ги нудиме. Оваа мобилна верзија ќе се овозможи пребарување по клучни зборови, по предметен регистар, по доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и можност за купување на производи и услуги кои ги нуди претпријатието.

Кога ќе се спомене „Службен весник на РМ“, тоа веднаш асоцира и на огласниот дел, неважечките документи и разни други објави со кои се задолжени сите граѓани и институции по разни основи. Го следите ли чекорот со времето и во тој сегмент?

„Службен весник на РМ“ покрај обврската за објавување на законите и подзаконските акти има обврска и за објавување на неважечки односно изгубени документи како: лични карти, пасоши, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, ученички книшки, индекси, здравствени книшки, дипломи. Статистичките податоци покажуваат дека најмногу се губат личните карти. Само од почетокот на годинава досега се изгубени 15.682 лични карти, односно се извршени толку објави во „Службен весник на РМ“. Во истиот период се изгубени 3.748 пасоши, 1.932 дипломи, околу 3.600 картички за здравственото осигурување, 6.081 возачка дозвола и 3.157 сообраќајни дозволи. Секојдневно се унапредуваме и во овој сегмент од надворешната комуникација. Очекувам до крајот на годинава, со Врховен суд на РМ да потпишеме меморандум за соработка со што ќе се овозможи автоматска објава на огласите од АКМИС-системот до „Службен весник на РМ“. Со примената на оваа комуникација, ќе ја елеминираме досегашната практика за мануелна обработка и внес на секој оглас и нивно печатење во хартиена верзија во интерес на зголемена ефикасност и економичност при нивното менаџирање.

Државата цели кон ЕУ што значи усогласување на законодавствата. Досега македонските закони се преведуваа на англиски јазик само инцидентно и по потреба. Има ли можност ова да се направи посистемски?

Да, тоа ќе биде една од нашите наредни заложби која ќе го следи проектот за збогатување на комерцијалната понуда. Помош и поддршка побаравме од државните институции, како што е Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ. Свесни сме за обемноста на овој проектен зафат, како и за обврската и одговорноста тој да биде реализиран на високо професионално ниво. Со договорена динамика ќе се обработуваат и поставуваат преводи на нашата регулатива на англиски јазик. Свесни сме и за новиот бенефит што ќе им го понудиме на нашите корисници. Со овој проект, ќе овозможиме поставување на ЕУ- директивите со цел полесно поврзување со европската легислатива и усогласување со неа.

Сѐ уште сте актуелни со прашањето за објавата на Законот за јазиците и Преспанскиот договор. Кога и дали ќе бидат објавени?

ЈП Службен весник на РМ, како досега така и отсега, работи и ќе работи исклучиво во согласност со Уставот и законите. Неколкупати досега, како институција, потенциравме дека нема да им бидеме пречка на интегративните процеси на Владата на РМ туку напротив, во согласност со позитивните прописи на РМ, ќе дадеме свој придонес на конкретната тема.