(13.03.2013)

интервју на директорот на јп службен весник на рм за миа

 


Тони Трај
анов

Директор на Службен весник на Република Македонија

 

Со какви податоци располагате како институција во делот за објава на  личните документи на граѓаните и дали бројката е поголема или помала во однос на минатите години? Кои документи се губат најмногу? Дали веќе има пријави за изгубени здравствени картички?

Службен весник на РМ покрај обврската за објавување на законите и подзаконските акти има обврски и за објавување на неважечки односно изгубени документи како лични карти, пасоши, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, ученички книшки, индекси, здравствени книшки, дипломи ...

Статистичките податоци покажуваат дека најмногу се губат лични карти. Само од почетокот на годинава досега се изгубени 15.735 лични карти, односно се извршени толку објави во Службениот весник. За истиот период се изгубени 2.377 пасоши, 1.838 дипломи, околу 2.000 здравствени легитимации, 5.000 возачки дозволи и 3.028 сообраќајни, а  само за еден месец, во октомври се изгубени и огласени за неважечки веќе 509 нови здравствени картички и се чини постои тенденција оваа бројка да почне да се зголемува.

Податоците покажуваат дека како неважечки годишно се објавуваат околу 30 илјади возачки и сообраќајни дозволи, лични карти и пасоши.

 

Воведовте можност граѓаните по електронски пат да можат да пријават изгубена исправа или документ. Овозможена е и електронска уплата. Колку тие ја користат оваа можност?

Од 2007 наназад се направија одредени позитивни унапредување во процедурите. Како прва институција во државата овозможивме нашите услуги да можат да се добијат по електронски пат, така што граѓаните можат да објават неважечки документ во електронска форма и плаќањето за таа услуга да го направат, исто така, по електронски пат со платежна картичка.

Овој проект се овозможи граѓаните да можат преку интернет, без да ги посетуваат шалтерите на Службен весник, на нашата веб страницата ( www.slvesnik.com.mk) да  се приклучат и по електронски пат да го пополнат потребниот документ и да го објават. На ваков начин се скрати времето кое непотребно се губеше бидејќи во многу случаи граѓаните доаѓаат на шалтерите на Службен весник без да го знаат бројот на изгубениот документ, па се враќаат во институцијата која го издала, па повторно треба да дојдат на нашите шалтери.

Но и покрај ова статистичките податоци покажуваат дека многу мал број од граѓаните ја користат оваа можност. Само еден процент од објавите се направени по електронски пат. Апелирам оваа процедура да се актуелизира за да можат граѓаните од дома, од работно место или од било кое друго место, преку компјутер, да можат да си ја завршат процедурата.

Се размислува ли за натамошно поедноставување на процедурите за објава на неважечки документи?

Би сакал да напоменам дека по извршената компаративна анализа со другите земји, увидовме дека тука уште повеќе можеме да го скратиме патот за огласување на неважечките документи во службеното гласило и во таа насока, пред една година  заедно со службите на МВР покренавме иницијатива за измена на процедурите и создавање можност за олеснување на објавата на изгубени документи, односно на личната карта, пасошот, возачката и сообраќајната дозвола.

Сакаме да го промениме целиот пат на објава на документите така што, граѓаните ќе можат да го пријават губењето на документот на шалтерите на МВР кое ги издава овие документи. Таму во истиот момент ќе му се даде бројчето, на изгубениот документ и ќе се пополни апликацијата за да може да се изврши објавата. Оттаму по електронски пат, во истиот миг, службите на МВР ќе го пратат до нас за да го објавиме во службеното гласило. Тоа е уште поголемо скратување на процедурата и олеснување за сите граѓани, особено за оноие кои живеат надвор од Скопје.

Проектот треба да заврши најверојатно до крајот на годинава. Сега треба да се изготват некои подзаконски акти и да е изработи потребната софтверска апликација. Кога ќе биде готова ќе може да почне да се применува.

Истата таа процедура ќе биде направена и во соработка со Фондот за здравствено осигурување. Увидовме дека за многу кус период беа изгубени голем број од новите здравствени картички.

Сакаме и тука да ја скратиме процедурата, луѓето и за оваа објава да не губат од своето драгоцено време и да доаѓаат на нашите шалтери, наскоро тоа ќе можат тоа да го направат во подрачните единици на Фондот за здравство на целата територија на РМ, каде ќе биде пополнета апликацијата за потребната објава и истата веднаш доставена до Службен весник.

 

Како институција се поврзавте електронски и со нотарите и извршителите за електронска објава на докумети кои треба да се огласат во Службениот весник. Колку нотарите и извршителите ја користат оваа можност?

Можам да кажам дека околу 90 проценти од нотарите и извршителите веќе ја користат можноста за виртуелна комуникација со Слубжениот венсик односно за електронски објави на документите кои тие ги издаваат, а треба да се објават во гласилото. Онаму каде што одредени нотари не ја користат оваа можност, тоа не е од субјективен, туку од објективен карактер, заради нивните програмски или софтверските можности... На наша иницијатива со изработка на наш програмски софтвер овозможивме на многу брз начин да можат да се објавуваат нотарските акти кои согласно законот треба да се објавуваат во Службен весник. Порано ова беше мачен и сложен процес да се согледа дали секој нотарски акт е во согласност со законот, дали е во одреден формат... Сега тоа е сето надминато, на секој нотар му е дадена софтверска апликација преку која за две минути може да се заврши целокупната објава на нотарскиот документ и да се изврши плаќањето. На ваков начин се олеснува процедурата за граѓаните, за нотарите, но и за нас како институција.

 

Имате формирано голема база на податоци во електронска форма за законските прописи од 1945 година до денес. Покрај Службениот весник во хартиена форма, граѓаните, правните субјекти имаат можност да го добиваат во електронска форма. Дали сте задоволни од тоа колку овие можности ги користат граѓаните?

Комплетно ја дигитализиравме целокупната архива на Службен весник од 45-та година досега, која е бесплатна и достапна на веб страницата на Службен весник, со цел да можат сите граѓани да ги разгледуваат и пребаруваат овие весници кои се објавени на околу 200 илјади страни. На ваков начин се воочува се она што го одбележува движењето на општествената рамка на РМ. За овој проект минатата година Службениот весник доби 13 ноемвриска награда.

Формиравме и Е-база на Службен весник со сите закони и подзаконски акти коишто во моментот се важечки или биле важечки и кои комерцијално ги нудиме. Базата е формирана во 2005, но драстично промената во 2006 година  во делот на операционализираност и систематизирање на документите со повеќе можности за нивно прабарување на принцип на Google, со само еден клик. Во неа се сублимирани сите закони и подзаконски акти и на тој начин да може човек кој што не е од браншата на правото да го осознае сето она што му е битно и потребно за неговото работење. Овозможивме пребарувањето да се врши преку буква, преку зборче и целосен назив на законот и подзаконскиот акт. Оваа година треба да се заврши и воведувањето на Проектот - пречистените текстови на законите и прописите во оваа наша Е-база. Досега веќе се поставени поголем број на редакциски пречистени текстови, но наскоро, комплетно ќе бидат сублимирани сите пречистени текстови на законите што е многу битно за институциите, граѓаните и правните субјекти.

Податоците секојдневно се ажурираат со се ново што ќе излезе од институциите. Во електронската база хронолошки се поставени сите законски прописи од основниот текст на законот до сите измени коишто се донесувани и секојдневно се дополнуваат.

Во таа насока би сакал да напменам дека е многу битно граѓаните, институциите и правните субјекти да ја познаваат сопствената законска регулатива, Тие мора да стекнат навика да ги следат и да ги читаат законските прописи, да ја познаваат легислативата особено од делот кој е од нивен интерес. На таков начин ги осознаваат и правата и обврските. Доколку немаме навика на пратење на она што излегува што го објавува Службен весник, а го донесуваат институциите во вид на закони и подзаконски акти можат да донесат погрешни одлуки во сопственото работење. Треба да продолжи да се практикува онаа навика која што порано сите ја имале секој нов Службен весник да се разлиста, бидејќи сега имаат можност тоа да го направат во електронска форма, на уште поденоставен и попрактичен начин.

Службениот весник е институцијата која е овластена за објавување на законите и подзаконските акти и затоа одговараме за квалитетот, исправноста и валидноста на она што го нудиме. Би сакал да укажам дека  на пазарот сега може да се појават и слични производи, но многу е битно кога се купува ваков производ да знае дека тој е точен и и зад него стои релевантен субјект. Една грешка во едно зборче погрешно прочитано може да има несогледливи последици во делот на функционирањето и работењето. Затоа институциите во државата, правните субјекти, граѓаните треба да внимаваат што користат, кој тип на бази ги користат. Базата на Службениот весник е таков производ којшто дава сигурност и гаранција за нивното работење.

 

Отворивте и Инфо центар, колкава е неговата искористеност и какви се услуги граѓаните можат да добијат во него?

Таму е целата хартиена база на Слубжениот весник, но таа е достапна и во електронска форма. Тоа е едно катче каде секој граѓанин или претставник на институција може да седне или да пребара што му треба, да разговара, да праша за се што го интересира од законската легислатива и да добие информации од нашите вработени. Таму доаѓаат студенти, научно истражувачки работници и многу други лица на кои им се потребни информации коишто ги поседува Службениот весник. Тука е бесплатен комерцијалниот дел, односно достапни се сите најнови броеви на службеното гласило како и електронската база на податоци што ја нуди Службениот весник. Центарот епремен со компјутери и има можност оние што се заинтересирани, податоците да си ги побараат и во електронска форма. На повеќе места во состав на Инфоцентарот се отворени и инфо киосци, како на пример во МКЦ, на Правниот факултет, во Канцеларијата за европски прашања,  во Универзитетската библиотека, УЈП.

 

Наскоро ќе одбележите 70 години од основањето на оваа институција. Може ли да дадете една оценка за развојот на Службениот весник?

Изминатиот период, особено од 2006 година наваму, реализиравме поголем број проекти и унапредивме многу процеси на работење со кои се направи револуција во функционирањето на институцијата, пред се во насока на побрзо, поефикасно и попродуктивно функционирање. Се етабилиравме како институција која функционира по највисоки стандарди во европски рамки.

Овозможивме сите документи коишто треба да се објават во Службениот весник да можат да пристигаат на побрз и пефикасен начин, во електронска форма, потоа воведовме специјална технологија за обработка на весникот така што дневно може да се издадат и по два три весника. Доколку не се направеа овие промени нема да можеше да се следи темпото на работата на Собранието на РМ како и на Владата на РМ и владините институции во донесување на законските прописи. Од тие причини слободно можеме да кажеме дека ЈП Службен весник на РМ е првата институција која што се здоби со два врвни сертификата и тоа: ISO 9001:2008 за управување со квалитет и ISO 27001:2005 за безбедност во информациони системи, со кој се стекнавме први во земјава и меѓу 300те први во Европа.

ЈП Службен весник на РМ, во текот на овие седум децении извршување општествено доблесна и одговорна задача доби еден нови имиџ не само како гласило кое го препознаваат граѓаните во делот на објава, туку и како институција која во сите насоки настојува да ги следи потребите на граѓаните и да има непосредна комуникација со нив. Воведовме нов начин на функционирање на маркетингот низ секојдневно презентирање на производите и услугите за што поквалитетно правно информирање на јавноста односно,  излеговме на пазарот со нови современи производи, кои се и треба да бидат неопходна, лесна и безбедна алатка во сечие професионално правно делување.

ЈП Службен весник на РМ надмина многу стереотипи во повеќе дециниско работење и стана  сигурен партнер како на институциите така и на граѓаните, бидејќи нашето мото, денес и во иднина е квалитет, безбедност, навременост и точност.