(22.11.2011)

ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И КОМОРА НА ИЗВРШИТЕЛИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

ЈП Службен весник на Република Македонија, продолжува со унапредувањето на соработката со фелата со која непосредно работи преку примeната на законската легислатива во Република Македонија. По потпишувањето на меморандумот за соработка со Нотарската комора на Република Македонија на 22.11.2011 година, ЈП Службен весник на Република Македонија потпиша Меморандум за соработка и со Комората на извршители на Република Македонија. Двете страни ја изразија својата подготвеност да ги развиваат и прошируваат активностите и контактите во областите во кои имаат заеднички интерес, а соработката исто така ќе има за цел континуирано и навремено запознавање на членовите на КИРМ со прописите донесени од надлежните органи и институции во Република Македонија, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ и постојано информирање низ презентациите на производите и услугите на ЈП Службен весник на Република Македонија.
Меѓусебно стекнатата доверба, како и високиот степен на професионалното делување на ЈП Службен весник на Република Македонија при нудењето на своите услуги пред потребите на извршителите и воведување на новите стандарди за нивните објави, се доволна причина за ваков начин на унапредување на соработката и потпишување на Меморандумот. Неодамна, ЈП Службен весник на Република Македонија го промовираше вториот дел од проектот: ИНТЕГРАЦИЈА СО НАДВОРЕШНИТЕ СИСТЕМИ, кој се однесува на нов виртуелен начин на комуникација со нотарите и со извршителите. ЈП Службен весник на Република Македонија веќе започна со прием на огласите по електронски пат, при што сите регистрирани нотари и извршители преку интернет имаат пристап до посебна веб-апликација преку која се одвива размената на податоците.
Секој нотар и извршител е посебно регистриран и има своја засебна интернет работна околина со корисничко име и лозинка како и дигитален сертификат за електронско потпишување на податоците.
Новиот виртуелен пат, кој веќе почнаа да го следат нотарите и извршителите значи поедноставен и унифициран принцип за подготовка, брз преглед и автоматско сортирање и следење на историјата на секој оглас посебно. Со еден клик, нотарите и извршителите можат да влезат во архивата на секој нивен објавен оглас во „Службен весник на Република Македонија“