(16.11.2011)

ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РМ И НОТАРСКАТА КОМОРА НА РМ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

ЈП Службен весник на Република Македонија и Нотарската комора на Република Македонија, на 16.11.2011 год. потпишаа Меморандум за соработка, со кој и двете страни ја изразија својата подготвеност да ги развиваат и прошируваат активностите и контактите во областите во кои имаат заеднички интерес.
Соработката пред сè ќе има за цел континуирано и навремено запознавање на членовите на НКРМ со прописите донесени од надлежните органи и институциии во РМ, објавени во „Службен весник на РМ“ и постојано информирање низ презентациите на производите и услугите на ЈП Службен весник на РМ.
Овој меморандум е продолжение на меѓусебно стекнатата доверба, како резултат на висок степен во професионалното делување на ЈП Службен весник на РМ при нудењето на своите услуги пред потребите на нотарите и воведување на новите стандарди за нивните објави.
Неодамна, ЈП Службен весник на РМ го промовираше вториот дел од проектот: ИНТЕГРАЦИЈА СО НАДВОРЕШНИТЕ СИСТЕМИ, кој се однесува на нов виртуелен начин на комуникација со нотарите и со извршителите. ЈП Службен весник на РМ веќе започна со прием на огласите по електронски пат, при што сите регистрирани нотари и извршители, преку интернет, имаат пристап до посебна веб-апликација преку која се одвива размената на податоците.
Секој нотар и извршител е посебно регистриран и има своја засебна интернет работна околина, со корисничко име и лозинка како и дигитален сертификат за електронско потпишување на податоците.
Новиот виртуелен пат, кој веќе почнаа да го следат нотарите и извршителите значи поедноставен и унифициран принцип за подготовка, брз преглед, автоматско сортирање и следење на историјата на секој оглас поединечно. Со еден клик, нотарите и извршителите можат да влезат во архивата на секој нивен објавен оглас во „Службен весник на РМ“.