06.02.2018

ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РМ И ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“ ОД СКОПЈЕ


ЈП Службен весник на РМ со подршка на Правната клиника при факултетот „Јустинијан Први“

Директорот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски и деканот на правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Горан Коевски, потпишаа Меморандум за соработка во рамките на Правната клиника за ранливи групи, која веќе извесен период постои на овој факултет. Бидејќи Правната клиника има за цел да гради знаења и вештини на студентите за давање правни информации и совети на ранливи лица, ЈП Службен весник на РМ со обезбедување на бесплатен пристап до електронската база на прописите од севкупното законодавство во РМ, сака да придонесе во зајакнувањето на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава и да даде поддршка во остварувањето на правата на граѓаните на кои таа им е потребна. ЈП Службен весник на РМ како единствена, со закон, овластена институција да ги објавува прописите во Република Македонија, располага со изворни податоци и на овој начин се вклучува во градење синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните. – Електронската база на прописи на ЈП Службен весник на РМ е извонредна алатка за безбедно правно работење и брзо изнаоѓање на прописите. Оттука, оваа база треба да им помогне на студентите при подготвувањето бесплатни совети – изјави директорот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски. Во е-базата на прописите во РМ се сместени над 30 000 прописи од 1944 година до денес, и во неа со секоја измена на закон се изработува нов редакциски пречистен текст. Ова брзо и безгрешно пребарување на секој пропис по клучен збор е гаранција за успешна реализација на зацртаната идеја во Правната клиника, бесплатни правни совети и информации на лица од ранливи и маргинализирани групи, вели Костовски. Меморандумот за соработка помеѓу ЈП Службен весник на РМ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, покрај соработката со Правната клиника, ќе овозможи зајакнување и интензивирање на комуникацијата помеѓу двете институции во врска со издавачката дејност, во доменот на стручната литература, како и усовршување на кадри од областите во кои двете институции имаат кадровски и други потенцијали и интереси.