20.12.2018

ЈП СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО НОВА УСЛУГА - МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА

ЈП Службен весник на Република Северна Македонија, воведе нова алатка за брзо и лесно пребарување на прописите во РСМ.
Тоа е мобилната апликација на електронската база на прописи со редакциски пречистени (консолидирани) текстови на закони. Оваа мобилна верзија ќе овозможи пребарување на прописите по: клучни зборови, предметен регистар, доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и по пребарување на консолидирани текстови на сите закони на кои им се направени измени и дополнувања.
„Со нашето секојдневно мошне динамично работење, настојуваме да сме над стереотипите, да ги следиме потребите, како на институциите и бизнис-секторот, така и на граѓаните, и тоа постојано, во рамките на нашето мото: Квалитет, безбедност, навременост и точност“, изјави директорот на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија, Мартин Костовски, при претставувањето на овој нов производ. Промотивниот период во првите три месеци од инсталирањето на мобилната апликација е во тек и сите заинтересирани можат да го искористат за запознавање со услугата, која регуларно ќе чини 4.500 денари за период од 12 месеци.
„ Оваа услуга ја гледаме како особено интересна и полезна за инспекциските служби или за новинарите, односно за сите оние кои се често на терен и во секое време сакаат и треба навреме да добиваат информации за нашето законодавство и движењата во неа“, рече директорот Костовски. Во оваа промотивна пригода, тој најави дека наскоро се очекува и електронското издание на службеното гласило да добие официјална верзија, односно, како што е и печатеното издание, и ова да биде правнообврзувачко, што веќе одамна е европска практика. Притоа, тој истакна дека тенденцијата во оваа приказна, која започна во 1945 година, е да го следи чекорот со времето и да живее со него.
„Електронската понуда на службениот весник е дел од тој ритам кој го наметнува ехото на денешницата, а ние во него сакаме да сме најдобри, истакна Костовски. Нашата организираност, подготвеноста и веродостојноста, ни даваат право да бараме, а наскоро и да очекуваме тоа да се случи, т. е. електронската форма на службеното гласило да стане официјална, како уште еден подвиг во работното одбележување на седум и пол децении од постоењето на оваа институција“.

ЈП Службен весник на Република Северна Македонија