2011.05.05

НОВИНИ ВО ПОСТПКАТА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ НА НЕВАЖЕЧКИ ДОКУМЕНТИ И УСЛУГИ ПРЕКУ Е-ТРГОВИЈА

Изгубен или оштетен документ, издаден од Министерството за внатрешни работи на РМ, веќе не треба да претставува немир и неспокој за ниту еден граѓанин.
Во службеното гласило „Службен весник на Република Македонија“ огласот за неважечка лична карта, пасош, возачка или сообраќајна дозвола, уште од дома може да биде аплициран. Нема повеќе изгубени часови или денови. Нема потреба да се троши време, енергија или пари, повеќе од она што е минимално неизбежно.Процедурата е едноставна. Седнете само пред компјутерот и влезете на интернет-страницата на „Службен весник на РМ“, www.slvesnik.com.mk.
Ова е само дел од ПРОЕКТОТ ‒ ИНТЕГРАЦИЈА СО НАДВОРЕШ-НИТЕ СИСТЕМИ ‒ со системите на: МВР, Владата на РМ, Собранието на РМ, eлектронската трговија, мобилните решенија, соработката со нотарите, со извршителите, сo автоматската колекција, конверзијата во XML и дистрибуцијата на документи и огласи кои се објавуваат во „Службен весник на РМ“.
Конкретно, при објавата на еден од овие 4 документи (лична карта, патна исправа, пасош, возачка и сообраќајна дозвола), врз основа на дефинирани стандарди и формат на податоци, ЈП Службен весник на РМ ќе врши испраќање на документи по електронски пат, енкриптирани и дигитално потпишани, до Министерството за внатрешни работи. Апликативното решение, како резултат треба да генерира документи во соодветни формати, групирани по градови (вкупно 30) и по тип на оглас (вкупно 4) и сите дигитално да ги потпише. Така подготвени, документите се испраќаат по електронска пошта, во МВР. Сите оние, кои немаат можност по електронски пат да го надминат проблемот со објавата за неважечкиот документ, треба да појдат во која било подрачна единица на МВР на РМ, каде што на шалтерите ќе можат да подигнат веќе подготвени уплатници, соодветни за документот кој треба да го објават, да ги внесат потребните податоци и да ја уплатат цената за соодветниот оглас во која било банка.
На својот пионерски пат, ЈП Службен весник на РМ е првата јавна институција која успева да ги урива бастионите кои постоеле во комуникацијата со граѓаните и да воспостави непосредна и директна соработка со банкарскиот систем. Само во минатата 2010 година, во службеното гласило „Службен весник на РМ“ биле објавени 30364 огласи, по основ за објава за неважечки, само за овие 4 документи.
Овој проект, исто така, овозможува и услуга за електронска трговија за следниве производи:
1. Претплата на печатеното издание на „Службен весник на Република Македонија“;
2. Претплата на Регистарот на важечки прописи на Република Македонија;
3. Претплата на електронското издание на „Службен весник на Република Македонија“;
4. Претплата на Базата на прописи;
5. Купување збирки на прописи и други изданија;
и секако, како следна фаза од овој проект, ќе биде овозможувањето уплата на други видови неважечки документи, согласно со Тарифата за огласување во ,,Службен весник на Република Македонија“.
Едноставно кажано, овој проект овозможува електронска трговија со сите продукти и сервиси што ги нуди ЈП Службен весник на РМ, како и електронска наплата со користење на сите платежни картички кои имаат поддршка во Република Македонија.