Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија започна со реализација на Проектот: Изработка на редакциски пречистени текстови на важечките закони во Република Македонија. 


„Електронската база на прописи“ со целокупната важечка регулатива во Република Македонија се базира на автентични, изворни податоци за законите и за другите прописи и акти, а од неодамна започна да се надополнува со редакциски пречистени текстови на важечките закони во Република Македонија.

Во моментов, на „Електронската база на прописи“ се поставени 60-тина редакциски пречистени текстови на закони, при што оваа нова база со пречистени текстови ќе продолжи да се надополнува со одредена динамика. 
Пречистените текстови на важечките закони, се поставуваат на веб – страницата на „Електронската база на прописи“, која од неодамна е редизајнирана во нов стил, адекватен на новиот лик на службеното гласило „Службен весник на Република Македонија“.  Следејќи ги зацртаните приоритети на Проектот: Изработка на редакциски пречистени текстови на важечките закони во Република Македонија, во текот на годината ќе започне и реализацијата на втората фаза − поставување на пречистени текстови на важечките закони со објаснувања и коментари од експерти, во зависност од тоа на која област од правото се однесуваат. 

Со овој Проект, Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија продолжува со зацртаната политика за континуиран развој и унапредување на дејноста, како и со исполнување на европските стандарди во оваа област.