ПРЕЧИСТЕНИ ТЕКСТОВИ – НОВ ПРОЕКТ НА ЈП „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РМ“

ЈП „Службен весник на РМ“ на прес конференција, одржана на 11.05.2012година на јавноста и го претстави својот најнов проект - Изработка на редакциски односно авторски пречистени текстови. По првата промоција на Проектот за Дигитализација на службените весници од 1945 до денес и единствената електронска База на над 28 000 прописи, селектирани во 22 области и 65 подобласти, следува продолжение на е-услугите на ЈП „Службен весник на РМ“. Станува збор за уште еден обемен и по важност ништо помалку значаен проект. Проект за изработка на редакциски, односно авторски пречистени текстови.
Согледувајки ја важноста од олеснет пристап до законодавството преку употреба, односно користење на пречистени текстови. Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ е во фаза на реализација на проект за изработка на редакциски, односно авторски пречистени текстови на важечките закони во Република Македонија. Со динамика како текстовите ќе бидат изработувани, и со соодветна систематизираност, тргнувајки од поважните области во правото (закони од областа на кривичната материја, закони од областа на граѓанско правната материја, даноците итн.) на јавната електронска страна на претпријатието ќе бидат поставувани одреден број на пречистени текстови на важечките закони.
Пречистените текстови на законите се изготвуваат, во случаите кога имаме закон кој претрпел повеќе мали измени или поради обемноста на определени изменувања и дополнувања. Овој пречистен текст не може да биде предмет на изменување и дополнување, туку истите се вградуваат во основниот текст на законот, имајќи ги во предвид сите претходни измени и дополнувања. Според тоа, пречистениот текст има само практично значење за субјектите кои се надлежни да го спроведуваат законот, или истиот да го менуваат и дополнуваат. Она што го нагласува значењето на овој проект е податокот дека секоја измена ќе биде вградена во основниот текст и проследена со коментар за измената, при што, што е и најважно, ќе го сочуваме основниот текст на законот, а мошне јасно и прегледно ќе можат да се следат и имплементират сите измени по хронолошки редослед, а сепак да бидат во една целина.
Проектот ќе се реализира во неколку фази, а првата промоција се очекува да биде следната година. На овој начин, ЈП Службен весник на РМ продолжува со зацртаната политика за континуиран развој и исполнување на европските стандарди во оваа област. Промоцијата на новиот проект за изработка на редакциски односно авторски пречистени текстови, ЈП „Службен весник на РМ“ ја искористи и за потпишување на „Меморандум за соработка“ со Адвокатската комора на РМ. Овој документ, освен како израз на добрата воља, вземната институционална поврзаност и почитување, треба да биде и носител на идните размисли за нова соработка.
Сферата на интересите, законодавството во Република Македонија, одамна е тесна нитка која веке долги години ја поврзува адвокатската фела со ЈП Службен весник на РМ во професионалното секојдневие. Следејќи го тој континуитет, овие две институции прават чекор повеќе. Овој меморандум за соработка, треба да овозможи една правна рамка за взаемните права и обврски на ЈП Службен весник на РМ и Адвокатската комора на РМ, кои ќе треба низ него да произлезат. ЈП Службен весник на РМ очекува овој документ да побуди широк интерес кај адвокатите, членови на Адвокатската комора на РМ, а понатаму во својата понуда да овозможи специјални услуги за адвокатите, кои ќе значат бенефит во двете насоки. ЈП „Службен весник на РМ“ ваков документ веќе има потпишано со Нотарската комора на РМ и со Комората на Извршителите на РМ.