(27.12.2013)
ДА СОЗДАДЕМЕ ОДГОВОРНИ МЛАДИ ЛУЃЕ КОИ ГРАДАТ ОДГОВОРНО ОПШТЕСТВО

Ова е мотото на Проектот- „ЗАПОЗНАЈ ГИ ЗАКОНИТЕ И БИДИ ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРЕН ГРАЃАНИН” кој беше презентиран  на прес-конференцијaта на ЈП Службен весник на Република Македонија и СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“.

Целите на овој проект се запознавање на учениците и наставниот кадар со законите и подзаконските акти на Република Македонија во функција на градење на општествено одговорни граѓани и  подобрување на компетенциите на учениците за да можат да одговорат на предизвиците на современото време со знаења , вештини и способности , како одговорни граѓани. 

 Учениците и наставниот кадар  од економската и правната струка, ќе можат да се запознаат со е-базата на законите и подзаконските акти на ЈП Службен весник на Република Македонија и да ја користат во функција на наставата, како и во насока на градење на општествено одговорни граѓани во функција на сопствената држава. „Граѓанинот е основа на секоја демократија, а неговите права и обврски се приоритет  на секоја држава. Одговорниот граѓанин  се запознава со законската регулатива, ја следи секоја  промена  во функција на познавање на правата, но и обврските кон општеството“, изјави директорот на ЈП Службен весник на РМ, Тони Трајанов.

Овој проект треба да овозможи да се подобрат компетенциите на учениците, со цел  да знаат  како да дојдат   до еден од најскапите ресурси во современиот свет " информацијата" која треба да биде точна и навремена. „Нашите цели, кои се дел од визијата на овој проект, е  вклучување на  младите луѓе на пазарот на трудот каде како  работодавец се  јавува не само бизнис секторот туку и државата“, рече директорот на СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“.

Под мотото – „Да создадеме одговорни млади луѓе кои градат одговорно општество“, двете институции сакаат да подсетат дека познавањето на законската регулатива значи добра основа, како во градењето на идната професија така и во подигањето на свеста за општествена одговорност.

На прес конференцијата, директорите на двете институции, м-р Тони Трајанов, ЈП  „Службен Весник на РМ, и  Александар Канурков, СЕПУГС “Васил Антевски - Дрен ”, како носители на овој проект потпишаа меморандум за соработка. 


ЈП Службен весник на РМ