(04.09.2014) 

Скратена процедурата за одјава на неважечки документи 

Интервју со директорот на ЈП Службен весник на Република Македонија Тони Трајанов за Нова Македонија, 4.9.2014 година

Скратена процедурата за одјава на неважечки документи

Целта на проектот е да му се олесни досегашната процедура на граѓанинот, односно да не мора прво да оди во „Службен весник“ да го објави за неважечки документот, па потоа во МВР со потврдата за да поднесе барање за нов, туку сето тоа да биде завршено од едно место, на многу побрз начин 

Засега проектот функционира само со МВР, а се работи на тоа да се прошири и со Министерството за образование и со Фондот за здравствено осигурување

Едношалтерскиот систем на испит во практиката

 Олеснетата процедура за објавување во „Службен весник“ на загубени или украдени лични карти, пасоши, возачки и сообраќајни дозволи е воведена веќе пет месеци, а оттогаш повеќе од десет илјади граѓани се поштедени од шетање од институција во институција за да ја запазат процедурата за објавување неважечки документи. Новиот проект на „Службен весник“ заедно со Министерството за внатрешни работи од април веќе овозможува да се објавуваат неважечки лични документи директно во подрачните единици на МВР низ земјава, наместо да се оди прво во просториите на „Службен весник“, па потоа да се поднесува барање за нов документ. Како што објаснува директорот на „Службен весник на РМ“, Тони Трајанов, сега целата процедура се завршува на едно место, во подрачните единици на МВР, односно во исто време се објавува документот дека е неважечки и се поднесува барање за вадење нов. Засега проектот функционира само со Министерството за внатрешни работи, а во моментов се работи на тоа да се прошири и со Министерството за образование, за објава на неважечки свидетелства и дипломи, и со Фондот за здравствено осигурување, за објава на неважечки електронски здравствени картички.

Заштеда на време и на пари 

Целта на проектот, како што објаснува Трајанов, е да му се олесни досегашната процедура на граѓанинот, односно да не мора прво да оди во „Службен весник“ да го објави за неважечки документот, па потоа во МВР со потврдата за да поднесе барање за нов, туку сето тоа да биде завршено од едно место, на многу побрз начин.

- Граѓаните имаат обврска да ги објават неважечките документи во „Службен весник“ и поради тоа што изворот на документите се институциите, најверодостојно и најдобро е таму да се направат и објавата и поднесувањето за нови документи. Така функционира едношалтерскиот систем и со овој проект овозможивме значително заштедување време, нерви и пари на граѓаните. Посебен проблем имавме со тие што не живеат во Скопје, па често се случуваше да дојде до грешка при пополнувањето на уплатницата за неважечки документ, па процедурата да мора да се повтори. На овој начин службеникот во подрачната единица на МВР веднаш го легитимира и идентификува лицето, тоа плаќа таму за објавата на неважечкиот документ и потоа службеникот ни испраќа нам што треба да се објави во „Службен весник“ - вели Трајанов.

Тој дополнува дека веќе не може да се злоупотреби процедурата и да не мора лично да се објави неважечки документ во „Службен весник“.

- Ние немаме овластување да ги легитимираме лицата што доаѓаат да објавуваат неважечки документи, а со тоа може да дојде до злоупотреба, па за неважечки да се објави документ со важност. Сега веќе тоа го избегнуваме, односно мора самото лице на кое му е загубен документот да оди во МВР и да го објави за неважечки. Личните карти, пасошите, возачките и сообраќајните дозволи се многу важни документи што се употребуваат секојдневно, а воедно и најчесто се губат. Затоа е многу важно граѓаните да ја знаат новата олеснета процедура на објавување во „Службен весник“ - додава Трајанов.

За неколку месеци загубени 4.000 здравствени картички

И граѓаните што објавиле неважечки документ на ваков начин велат дека е многу полесно и не се губи време по шалтери.

- Пред два месеца го загубив паричникот со сите лични документи и морав да поднесам барање за нови. Отидов прво во МВР да прашам која е процедурата и бев позитивно изненадена кога ми објаснија дека можам сѐ да завршам веднаш и нема да има потреба да одам да уплаќам посебно во „Службен весник“ за објавување неважечки документи, односно можам директно на истиот шалтер во МВР да објавам дека сум ги загубила и да поднесам барање за нови. Ми објаснија дека веќе неколку месеци функционира друг начин преку кој навистина лесно се завршува целата процедура за многу кратко време - вели Сузана Трајкова од Карпош.

На проектот се работеше две години по иницијатива на „Службен весник на Република Македонија“, а од април до август на овој начин се објавени 6.093 лични карти, 1.179 патни исправи, 1.820 возачки дозволи и 1.030 сообраќајни дозволи. Освен со МВР, проектот до крајот на годината или почетокот на наредната се очекува да се прошири и со МОН и со ФЗО, за објава на неважечки електронски здравствени картички и свидетелства и дипломи.

- Проектот уште од почетокот функционира без проблем, а за тоа сведочат повеќе од 10.000 граѓани што заштедиле време и пари при објавување неважечки документи од МВР. Засега функционира само за четирите лични документи, пасош, лична карта, возачка и сообраќајна дозвола, но во разговори сме и со министерот за образование и со директорката на Фондот за здравствено осигурување. Покрај овие документи, кои најмногу се губат, имаме и честа објава на свидетелства и дипломи, а исто така и на електронски здравствени картички. Од јануари досега во „Службен весник“ се објавени 2.733 свидетелства, 988 дипломи и дури 4.000 електронски здравствени картички - објаснува директорот. 

Со проектот се овозможуваат и целосна база на податоци во институциите и прегледност за тоа колку документи се губат или се украдени во текот на годината.