2015.10.19

ВИРТУЕЛНА БИБЛИОТЕКА СО Е-КНИГА

На сите граѓани кои имаат или ќе имаат потреба да следат правна литература, односно да прочитаат кој било закон од националната легислатива, ЈП „Службен весник на РМ“ наскоро ќе им излезе во пресрет со воведување на нова услуга: „Виртуелна библиотека – е-книга“. Сите изданија, а особено пречистените редакциски текстови на закони и закони со коментари од еминентни автори, ќе бидат достапни во форма на е-книга и ќе може да се читаат преку личните компјутери или таблетите со помош на е-читач (e-reader) апликацијата или преку други електронски уреди.

Електронската книга, како нов вид комункација, е најновиот проект на ЈП „Службен весник на РМ“ кој треба да започне идната година.  Со оваа најнова услуга ЈП „Службен весник на РМ“ продолжува со следење и воведување на најновите информатички технологии и нивна примена во своето работење што ќе биде придобивка и за пошироката јавност.

Виртуелната библиотека, односно понудата на е-изданијата во неа, како нова форма на соопштување и споделување на новините во законската регулатива на Република Македонија,  ќе овозможи за многу кусо време да се изработи текстот и да биде достапен до потенцијалните корисници како е-книга. Можноста за користењето на оваа услуга ќе ја има секој член на Интернет-заедницата, а оваа предност, заедно со податокот дека се избегнува и фазата за печатење на книгите, ќе значи и услуга со минимален надоместок.