(13.09.2011)

ВИРТУЕЛНА КОМУНИКАЦИЈА СО НОТАРИТЕ И СО ИЗВРШИТЕЛИТЕ

ЈП Службен весник на РМ успешно продолжува да го надградува својот пионерски пат, како една од првите јавни институции која ги урива бастионите кои постоеле во комуникацијата со граѓаните и која воспоставува непосредна и директна електронска комуникација со своите корисници.
Движејќи се во таа насока, вчера, на 13ти септември 2011, во Инфо вентарот на Службен весник на РМ, се одржа средба со новинари, на која беше презентирана „Виртуелната комуникација со Нотари и Извршители“, како втор дел од проектот ИНТЕГРАЦИЈА СО НАДВОРЕШНИТЕ СИСТЕМИ.
По интеграцијата со системите на Министерството за внатрешни работи на РМ и електронската објава за неважечки на 4-те мошне важни лични документи: лична карта, пасош, возачка и сообраќајна дозвола, ЈП Службен весник на РМ сега воспоставува електронска соработка со нотарските служби и со извршителите. ЈП Службен весник на РМ е веќе подготвен да започне со прием на огласите по електронски пат, при што сите регистрирани нотари и извршители, преку интернет, ќе имаат пристап до посебна веб-апликација преку која ќе се одвива размената на податоците.
Секој нотар и извршител ќе биде посебно регистриран, ќе има своја засебна интернет работна околина, со корисничко име и лозинка како и дигитален сертификат за електронско потпишување на податоците.
Досегашната практика, односно досегашното искуство во соработката на ЈП Службен весник на РМ со службите на нотарите и извршителите, а индиректно и со граѓаните, ќе стане минато и само сеќавање на времето кога огласите се носеле на рака, како пишан документ, кој потоа технички се обработувал и на кој дополнително му се утврдувала цената, во зависност од должината на текстот. Во постапката, до конечното објавување на огласите, биле потребни неколку дена, а информацијата за тоа, нотарите и извршителите ја добивале со известителна картичка. Сега и таа комуникација ќе биде заменета со електронско известување по е-меил адреса.
ЈП Службен весник на РМ, во континуитет продолжува да ги следи современите технологии и на тој начин да наметнува повисок степен на комуникација со своите корисници. Новиот виртуелен пат, кој од сега ќе продолжат да го следат нотарите и извршителите, и за нив ќе значи поедноставен и унифициран принцип за подготовка, брз преглед, автоматско сортирање и следење на историја на секој оглас поединечно. Тоа значи дека во иднина, со еден клик, нотарите и извршителите можат да влезат во архивата на секој нивен објавен оглас во „Службен весник на РМ“. За нив, нема веќе „одење пеш“ низ архивираните книги и складираните регистри, ниту пак технички недостатоци, кои знаеја да се провлекуваат низ текстуалните содржини, кои за објава, пристигнуваа во „Службен весник на РМ“.

Апликативното решение ја има следната функционалност:
•Преглед, сортирање и филтрирање на извештаи на работни задачи за дефинираните процеси;
•Графички преглед во реално време на активностите во дефинираните процеси, како и следење на комплетната историја на активности и процеси;
•Размена и евиденција на целата комуникација, како и историја на сите објавени огласи во службеното гласило.
Ваквиот систем е веќе интегриран со постојниот, за електронска трговија со ЈП Службен весник на РМ, па така, нема потреба од чекање на шалтерите на банките, за сите уплати кои треба да ги извршат нотарите и извршителите, бидејќи истото може да се изврши преку интернет.
Овој проект овозможува електронска трговија со сите продукти и сервиси што ги нуди ЈП Службен весник на РМ, како и електронска наплата со користење на сите платежни картички кои имаат поддршка во Република Македонија.
Електронското поврзување со нотарските служби и со службите на извршителите е уште еден чекор поблиску до заштеда на времето и на трпението на граѓаните, и чекор повеќе од реализацијата на проектот: ИНТЕГРАЦИЈА СО НАДВОРЕШНИТЕ СИСТЕМИ. Во оваа виртуелна комуникација, следните електронски патеки ќе значат поврзување со системите на судските институции и издигнување на повисок стадиум на соработка со извршната и со законодавната власт, со Владата и со Собранието на Република Македонија.