(30.03.2012)

ВРАЧЕНА БЛАГОДАРНИЦА НА АДВОКАТОТ ЈОВЕВ

ЈП Службен весник на РМ, во името на многу генерации, кои до ден денес го граделе овој бренд, за укажаната доверба и за долгогодишната соработка, како верен читател и претплатник на г.Трајко Јовев, адвокат во пензија, му врачи Благодарница. „Ова е мал знак, симболичен чин, но се надевам дека и за г.Јовев и за неговот семејство, ќе биде убав и драг спомен“, истакна директорот на ЈП Службен весник на РМ, Тони Трајанов, на денешната средба во Инфо ценатарот.

ЈП Службен весник на РМ, веќе седум децении, континуирано ја извршува својата јавна и општествено доблесна задача, да ги објавува сите службени новини од општественото организирање. Тоа е доверба која обврзува, која бара висока професионалност и совесност, особено во улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Македонија, во сферата на легислативата.

И нема подобра награда, нема толку силни пофални зборови, од сознанието дека сте во друштво на луѓе кои го почитуваат вашиот труд, кои имаат насушна потреба од сето ова што го правите и ви се верен сопатник. Убаво е да се види дека ви веруваат, ве читаат или ви се обраќаат кога за тоа имаат потреба. Веќе речиси 6 децении, ваква дружба постои помеѓу г.Трајко Јовев, истакната личност во својата фела, познат скопски адвокат и службеното гласило, „Службен весник на РМ“.

Г.Јовев, е наш најредовен читател, меѓу првите ја потврдува нарачката за тековната година, редововно и меѓу првите ги подмирува своите обврски, и доколку некој број не стасал до него, што е ретко, веднаш не информира за да му се достави, рече директорот Трајанов.

ЈП Службен весник на РМ, како што води грижа за своето успешно деловно однесување, исто така со висок респект се обидува да ја сочува и комуникацијата со своите читатели и корисници на сите услуги што ги нуди претпријатието и воопшто со граѓаните. Затоа го создадовме овој Инфо центар, го модернизиравме процесот на работењето, воведуваме нови посовремени и полесни алатки за користење на нашите услуги и се грижиме за мислењето на јавноста. Така и ќе продолжиме, нагласи директорот Тони Трајанов, на денешната средба со добитникот на Благодарницата за укажаната долгогодишна доверба и соработка, г.Трајко Јовев, истакнат адвокат во пензија.

Трајко Јовев е роден на 22 мај 1922 година во Велес. Aдвакат е од 1955 година и од тогаш е редовен корисник на службеното гласило. Три мандата (од 1963 до 1972) бил Претседател на Управниот одбор на Адвокатската комора на Македонија, а една година во тоа време бил Претседател на Сојузот на адвокатските комори на Југославија. Во пензија замина во 1993 година.