75 ГОДИНИ СЛУЖБЕН ВЕСНИК

КОН ЈУБИЛЕЈОТ – 75 ГОДИНИ СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ

Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 18 февруари 2020 година ја одбележува 75-годишнината од донесувањето на Одлуката за издавање на „Службен лист на Федералната единица Македонија“ и издавањето на првиот број на службеното гласило.

75 ГОДИНИ „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“

Почитувани,
Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“точно седум и пол децении, континуирано и високопрофесионално, ја извршува својата јавна, општествено доблесна задача, да ги објавува сите службени новини од општественото организирање. Тоа е доверба која обврзува, како што обврзуваат и стратешки утврдените насоки на државата во врска со регулаторните реформи и информациското општество. Својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Северна Македонија, во сферата на легислативата, Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ настојува да ја исполни со висок степен на совесност и секогаш со: службена, автентична, точна, ажурирана и лесно достапна информација.
      Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“, седум и пол децении ја негува традицијата да издава службено гласило, која започна на 18 февруари 1945 година, откога Президиумот на АСНОМ донесе Одлука за издавање на „Службен лист на Федералната единица Македонија“ и до ден-денес е значаен хроничар за историјата на нашата држава, за сите важни и историски акти и документи објавени во ова службено гласило.
      Јавното претпријатие„ Службен весник на Република Северна Македонија“ е целосно посветено на ефикасно и квалитетно исполнување на целите и обврските кои произлегуваат од Законот за објавување закони и други прописи и акти, а објавувањето се врши во печатена и во електронска форма.
      Визијата на претпријатието е да продолжи совесно да управува со правниот, информативен систем на Република Северна Македонија, како и со активностите од областа на издаваштвото и печатењето, така што услугите се реализираат со високо ниво на квалитет.
      Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ овие денови чекори заедно со историјата и иднината на нашата држава. Затоа, има за цел, да остане стабилна и развојна компанија која реагира реактивно и интерактивно на барањата на пазарот, корисниците и нивните потреби. Постојано да се оправдува, одржува и зајакнува репутацијата на угледот и авторитетот, со највисок квалитет, сигурност и точност во преносот на информации, со цел зачувување и активно негување на довербата на потрошувачите и заштитата на интересите на пошироката заедница. Цел и тенденција е секогаш да се биде иноватор во работата на претпријатието и да се препознаат и потврдат вложените знаења, енергија и креативност.

Со почит,
ЈП Службен весник на Република Северна Македонија